Опоравување по хирургија на катаракта: недела по недела
Што да очекувате првиот ден, првата недела и првиот месец по хирургијата на катаракта.

Опоравувањето по современа хирургија на катаракта е брзо и во најголем дел безболно. Сепак, придржувањето кон упатствата во првите недели е клучно за најдобар резултат.
Првите 24 часа
Веднаш по интервенцијата видот е замаглен, а окото може да биде малку црвено и чувствително на светлина. Пациентот си оди дома истиот ден. Препорачано е мирување, избегнување триење на окото и носење заштита при спиење.
Првата недела
Видот забележливо се разбиструва веќе во првите денови. Капките со антибиотик и противвоспалително дејство се земаат точно според пропишаната шема. Во овој период треба да се избегнуваат:
- Кревање тешки предмети и напорна физичка активност
- Наведнување со главата надолу
- Базен, сауна и капење во море
- Прашина, чад и шминка околу очите
- Триење или притискање на оперираното око
Од втората до четвртата недела
Повеќето пациенти се враќаат на нормални активности и возење по контролниот преглед и дозвола од лекарот. Финалната диоптрија се стабилизира најчесто по четири до шест недели, кога се препишуваат нови очила доколку се потребни.

Кога веднаш да се јавите на лекар
Јака болка која не попушта, нагло влошување на видот, силно црвенило или изразена секреција од окото се знаци поради кои треба веднаш да контактирате со болницата. Ваквите компликации се ретки, но брзата реакција е важна.